Човечкиот ум е постојано вклучен во процес на разбирање, толкување и кодирање на сопствените искуства – како машина која неуморно плете уникатна смисла од нашите доживувања. Ова кодирање на доживеаното е потоа класифицирано во една неверојатно слоевита датотека, од која црпиме ориентација во однос на следните животни случки, и која ги обликува приказните што си ги кажуваме сами на себе за она што се случило.
Овие внатрешни наративи не се нужно поврзани со објективни факти. Тие се изградени од сплет на потреби, намери, желби, стравови, очекувања, навики и расположенија, кои силно го пребојуваат нашиот светоглед во корист на она што веќе го знаеме. Овие толкувања на стварноста имаат огромно влијание врз нашето психичко здравје. Кога тие се целосно негативни, можат да не’ доведат до состојба на депресија. Преку разбирање на улогата што нашите доминантни внатрешни приказни ја имаат во нашите животи, можеме да ја согледаме моќта која ја имаме над нив. На овој начин добиваме шанса трезвено да ја разгледаме и коригираме нивната вистинитост и значење. Не мораме да дозволиме размислувањето да ни биде доминирано од неточни, некорисни и деструктивни толкувања на реалноста. Во нас лежи моќта да ги замениме со поздрави, поразумни и пореални верзии.
Какви приказни си раскажуваш на себеси?
Исткајани од нашите вешти умови, внатрешните приказни ни помагаат да ги врамиме, разбереме и прифатиме сопствените искуства и емоции како дел од поголем систем на значења, а повеќе вакви приказни формираат еден истраен наратив. Оттука, наративот претставува структура од толкувања и верувања поврзани со внатрешна логика, кои меѓусебно се поддржуваат. Дали “Никогаш нема да успеам во ништо”, “Не заслужувам љубов”, ”Јас сум безвреден” или ”Јас сум глупав” ви звучат познато? Тоа се вербални етикети позади кои се наоѓаат комплекси од наталожени искуства, “докази”, повторени пораки кон себе, туѓи мислења, дисторзирани заклучоци и многу, многу емоции.
Наративите се формираат под влијание на различни фактори, на пример воспитувањето и исксутвата од детството, социо-економските услови, културолошкото влијание, и личните верувања и вредности. Бидејќи нивните почетоци се протегаат кон почетоците на формирањето на личноста, нивниот корен често се наоѓа надвор од свесноста. Притоа, детството, како период во кој немаме особена контрола врз пораките кои ги примаме, е од огромно значење. Обрасците на однесување на кои сме изложени од околината како деца несомнено продолжуваат да влијаат врз нашето функционирање децении подоцна. Но, наративите и обрасците на однесување кои можеби биле соодветни или ни помогнале да преживееме во одредени услови и на одредена возраст честопати не се функционални во сегашноста, а можат да бидат и деструктивни.
Доминацијата на овие рани наративи може да трае се’ додека не ги освестиме и преиспитаме од позиција на возрасен кој има избор и право да ги смени – а тоа има критично значење бидејќи тие ги обликуваат нашите тековни перцепции и искуства. Првиот чекор кон ова е прифаќањето дека нашите наративи не се секогаш точни претстави на реалноста, туку се субјективни, честопати дисфункционални толкувања создадени во специфични услови.
Кога негативните приказни стануваат циклуси на песимизам и
самоомраза
Негативните наративи се состојат од лоши приказни кои постојано си ги кажуваме на себеси за себеси. Тие се екстремно критични и знаат да ни се вртат во глава без престан: “Јас не заслужувам среќа”, “Упропастив се’, како и секогаш”, “Сите што ги сакам ќе ме напуштат”. Но вистинскиот проблем лежи во нашата подготвеност да ги прифатиме овие пораки како апсолутни вистини, небаре самиот факт што го мислиме и чувствуваме тоа го прави вистина.
Оттука, не е воопшто чудно што некритичкото препуштање на овие приказни може да доведе до затворен круг на депресија. Ако постојано во себе си повторуваме приказни за безнадежност и неуспех, нашите животни потенцијали страдаат, вклучувајќи го менталното и социјалното здравје. Заробени во состојба на очај и негирање на сопствените сили, придонесуваме кон самоисполнување на пророштвото, односно лоши резултати кои уште повеќе ги засилуваат песимистичките внатрешни приказни. Умот кој е заглавен во себепотценување или самоомраза ретко успева да ги оствари своите лични цели и да негува здрави релации. Дури и кога успева, успехот не трае долго бидејќи е постојано поткопан од негативен внатрешен говор.
Но иако ни се чини дека мислите генерирани од негативните наративи се посилни од нас, секогаш имаме можност да ја преиспитаме нивната вистинитост и релевантност во нашиот живот наместо слепо да ја следиме негативната спирала. Наративите можат да бидат реконструирани во позитивна насока која ќе им служи на нашите животни цели и целокупно здравје. Кога водиме позитивен разговор со себе, раскажувајќи си позитивни приказни за нашите капацитети и особини, поставуваме солидна основа за внатрешна хармонија и личен раст. Преку восприемање на нашите искуства низ конструктивна леќа, можеме да ја зголемиме самодовербата, внатрешната мотивација и емоционалната издржливост. Тоа вклучува негување на позитивна перспектива кон себе и своите искуства, и врамување на животните предизвици како можности за трансформација. На пример, кога сме соочени со неуспех, можеме истиот да го толкуваме како “Овој неуспех значи дека треба да поработам на овој специфичен елемент од мојот перформанс, но се гордеам со резултатот зашто го дадов најдоброто од себе. Ќе се подготвам уште подобро и ќе се обидам повторно!” наместо “Не знам зошто воопшто пробав кога знаев дека сум комплетно неспособна, се срамам од себеси!” Разликата е огромна – со силно влијание врз внатрешниот мир, чувството на лична вредност и наредните однесувања.
Моќта на самосочувството
Кога нештата не одат како што сакаме, понекогаш првата реакција ни е безмилосно критикување на себеси, без оглед на тоа дали самите сме имале контрола над ситуацијата. Едноставно, тоа е како животот да не’ прегазил, а нашиот одговор е да се повредиме себеси дополнително. Но, кога истото би му се случило на некој од нашите најсакани, нашата прва реакција би била да пружиме поддршка, љубов и разбирање. Зошто ни е толку тешко да си го пружиме истото себеси? Можеби зашто многумина од нас не веруваат дека ја заслужуваат таа љубов и поддршка, односно таму некаде и некогаш го прифатиле тој наратив како вистина за себеси. Но кога сме способни да си го дадеме истото сочувство на себе, оковите на негативните приказни се топат. Себељубовта е најмоќната алатка за преобликување на нашите внатрешни наративи.
Земајќи во предвид дека една од најзначајните врски кои ги имаме во животот е со себеси, пожелно е да развиеме свесност за она што си го кажуваме. Секогаш кога сте соочени со проблем или тешки околности, прашајте се “Што би му рекол/ла на мојот најдобар пријател кога би бил во истата ситуација?” Многу е важно да применуваме облици на внатрешен говор кои се фокусирани на самоподдршка, самоуправување и решенија, наместо преџвакување на проблемите, стравовите и себеобвинувањата. Кога се однесуваме кон себе со љубов, разбирање и простување, стануваме способни да ги прифатиме сопствените мани и да негуваме безусловна самопочит и внатрешен мир. Ако нашите најцрни мисли се нешта кои никогаш не би им ги упатиле на нашите најблиски, зошто би продолжиле да си ги кажуваме на себеси? Зошто тие би биле инхерентно повредни битија од нас, заслужни за љубов и почит каква што си ускратуваме себеси?
Време е за нова интерпретација
Совршениот момент да избереме нова интерпретација на она што ни се случило и она што тековно се случува е секогаш: сега. Животот е бескрајна отворена реченица со безброј значења, и секогаш има милион начини да се погледне на едно исто нешто. Ова значи дека не мораме да робуваме на ограничувачки наративи кои ни оневозможуваат позитивна интеракција со светот.
На еден начин, богатството од перспективи е богатство на духот кое ни пружа слобода и прилагодливост. Применувајќи лична одговорност и избор во однос на внатрешните приказни, откриваме дека дури и во услови на тешкотија постои простор за извонреден личен развој. Наместо да не’ скрши, неволјата може да стане катализатор на внатрешна сила, рамнотежа и издржливост. Тешките времиња се истовремено и моменти кова во себе наоѓаме неочекувани резерви на решителност, храброст и емпатија.
Едноставно, бидете свесни за наративот што се одигрува внатре во вас. Уловете ги моментите во кои негативните приказни се активираат. Тоа е клучниот прв чекор кон нивна промена, која не се случува прекуноќ туку бара активен и континуиран ангажман. Можеби немате целосна контрола врз она што ќе ви се случи, но секогаш имате способност да изберете како ќе го интерпретирате, во која приказна ќе го врамите, и како ќе реагирате. Некогаш е доволно само да го пуштите доживувањето да помине и да остави простор за нови искуства. Користете ја моќта на вашиот ум за ваше најголемо добро.