Многу од нашите негативни приказни се темелат на когнитивни дисторзии. Когнитивните дисторзии се предрасуди или логички грешки во мислењето кои ни го дефинираат погледот врз себеси и светот. Во суштина, тоа се ирационални, повторувачки облици на мисли и верувања кои не соодветствуваат со реалноста и предизвикуваат психичко страдање.
Според когнитивно-бихејвиоралната теорија, најчестите дисторзии вклучуваат: црно-бело размислување (размислување во екстреми, „Јас сум непоправлив губитник а другите имаат сè“), претерана генерализација, ментални филтри (на пр. фокус само на негативни аспекти и аргументи), читање на мисли (скокање кон заклучоци за тоа што мислат другите, наместо комуникација на сомнежите), емоционално резонирање (кога чувствата ‘мислат’ наместо разумот) и персонализација (неоправдано лично толкување на надворешните настани, „земање при срце“). Овие мисловни облици го искривуваат нашето размислување, наведувајќи нè на неточни, ригидни заклучоци за себе и светот. Ова неизбежно ни предизвикува болка.
Соочувањето со дисторзиите во нашето мислење отвора можност за интеграција на нови парчиња од сложувалката што ја нарекуваме стварност. Преку освестување на мисловната содржина, добиваме можност и да ја коригираме.
Вежба: Судница
Изберете една мисла која ве мачи и прогонува подолго време и сакате да ја преиспитате точноста и корисноста на нејзината содржина. За таа цел, замислете дека ја носите на суд. Но, за разлика од другите судови, во овој вие ќе ги играте сите улоги: адвокат на одбраната, обвинител и судија. Ќе ги анализирате сите докази во однос на „обвинетата“ мисла во насока на носење пресуда. Претпочитајте факти и проверливи докази наспроти мислења, претпоставки и предрасуди.
Прво презентирајте ја одбраната, односно сите докази и аргументи кои ја поддржуваат точноста на мислата, а потоа изложете го обвинението со сите докази и аргументи кои ја негираат. Запишете го процесот на хартија за подобра прегледност. На крајот, како судија, обидете се непристрасно да ги погледнете и двете страни. Oдлучете дали обвинетата мисла е точна и корисна во вашиот живот. Ваквите вежби и водењето на дневник може да ви овозможи да си ги преиспитате мислите од повеќе перспективи, и да ви ја зајакне аналитичноста и балансот во размислувањето Откако ќе утврдите дека некоја мисла е неточна и само ви нанесува штета, прашањето е дали ќе дозволите на таква мисла да ви управува со расположението и вербата во себе?