Кога не ги регулираме своите емоции, животот има тенденција да ги повредува. Емотивната саморегулација е витална компонента на психичката добросостојба и се однесува на нашиот капацитет да контролираме своите емоции и импулси и да ги изразуваме на безбедни и конструктивни начин. Ова вклучува да оставиме пауза меѓу емоцијата и реакцијата во која добро ќе размислиме и ќе ги земеме сите фактори во предвид како би можеле соодветно да реагираме во дадена ситуација. Управувањето со своите емоции е вештина која се развива од детството низ адолесценцијата кон возрасното доба, и носи силен печат од воспитувањето. Но, како возрасни, имаме можност да се соочиме со емоционалните навики и одбранбени механизми кои можеби несвесно не’ водат, и да ги коригираме во однос на личноста која сега одбираме да бидеме.
Потеклото на проблемите со саморегулација
Во нормални услови, детето кое има навика да прави “сцени“ кога нештата не му се по ќејф, под влијание на зрел родителски стил, ќе научи како да ги толерира непријатните емоции без да доживува емоционална криза, што ќе му помогне да стане возрасен со способност да ги контролира импулсивните реакции и дејства. Нашата емоционална зрелост, идеално, треба да се развива паралелно на биолошкиот раст и стекнувањето искуство во прилагодување кон надворешниот свет. Затоа што надворешниот свет не е секогаш расположен да ги задоволи нашите желби. Сите тргнуваме од иста појдовна точка: дете кое бара инстант гратификација, т.е. инстантно задоволување, на своите потреби и желби.
Но воспитувањето кое го добиваме не секогаш ни помага да научиме да управуваме со своите емоции. Некои деца не се чувствуваат безбедно и поддржано во својот дом, без оглед колку добро се однесуваат, или нивните родители се далеку од емотивно зрели модели кои можат да им пренесат стратегии за емоционална саморегулација. Други, за жал, се изложени на емоционално занемарување или емоционална злоупотреба, кои можат длабоко негативно да влијаат на нивната психа и обрасци на однесување, вклучувајќи ги и емоционалните реакции.
Недостатокот на саморегулација може да се пројави во различни животни области. Пред се’ можеме да ја видиме во особини како емоционална нестабилност, недостиг на самопочит, лоши социјални вештини и неспособност да се справи со гнев, стрес и други непријатни емоции. Во некои случаи, долгорочното управување со својот емоционален живот може да ескалира во психички растројства и автодеструктивни однесувања како злоупотреба на супстанции, кои нудат привремено олеснување преку отапување на емоциите со кои тешко се справуваме. Проблемот е во тоа што тие никогаш вистински не исчезнуваат се’ додека не се соочиме со нив и соодветно ги отпуштиме.
Емоционалната основа на долгорочната добросостојба
Овозможувајќи ни да управуваме со интензитетот и траењето на нашите емоции, емоционалната саморегулација ги спречува комплетно да ја завладеат и дисторзираат нашата реалност. Меѓудругото, оваа способност директно придонесува кон нашата ментална добросостојба преку:
★ Намален стрес: Саморегулацијата ни овозможува да ги смириме нашите реакции, притоа намалувајќи ја штетата предизвикана од долготраен стрес на нашиот психофизички систем. Самоконтролата промовира ментална цврстина.
★ Зголемена емоционална отпорност: Умешноста во саморегулација не опремува за ефикасно справување со пречки, одржување на позитивна перспектива и адаптибилност кон предизвици. Сите овие способности придонесуваат кон развивање емоционална стабилност и отпорност.
★ Подобрено одлучување: Кога можеме да управуваме со нашите емоции, носиме порационални и промислени одлуки. Емоционалната саморегулација спречува импулсивни дејства и одлуки мотивирани од силни и минливи емоции, што води кон подобри животни избори.
Саморегулацијата не е само важна алатка за подобро ментално здравје – таа е суштинска неопходност за живеење живот исполнет со смисла и задоволство. Таа функционира како штит кој не’ брани од негативните ефекти предизвикани од болни искуства и емоционални турбуленции, и ни служи за да препознаеме дека, независно од тоа што ни носи животот, можеме да се потпреме на себеси и добро да се справиме.
Неколку придобивки на емоционалната саморегулација
Дали сте способни да ги регулирате своите емоции? Еве една корисна листа на способностите на успешните саморегулатори:
- Усогласување на дејствата со основните животни вредности
Кога го живееме она што го “проповедаме”, или барем во кое искрено и длабоко веруваме, лесно можеме да постигнеме баланс, мир и смисла во се’ што правиме. Кога зборуваме едно, а правиме друго, резултатот е когнитивна дисонанца и незадоволство од себе.
- Способност за утешување и смирување на себеси
Личностите кои умеат да ги регулираат своите емоции умеат и да ги свртат во своја корист. Со други зборови, да се потпрат на позитивен себеговор и себеисцелувачки пристап кон себе во контекст на вознемирувачки ситуации, без слепо да бараат утеха и поддршка од други.
- Себеохрабрување во тешки моменти
Претходното важи и за способноста за охрабрување на себеси. Исклучување на внатрешниот критичар и обвинител и свртување на вниманието кон себеохрабрувачки пораки и дејства е од клучно значење за емоционално стабилен живот.
- Истрајност низ неочекувани и комплексни предизвици
Живеењето според внатрешните вредности и самоконтролата им овозможуваат на луѓето неверојатна емоционална отпорност и издржливост кога се соочени со проблеми и предизвици. Кога имаме способност да се потпреме на себеси, нашиот потенцијал за истрајност расте без оглед на животните пречки.
- Отворена, искрена и асертивна комуникација
Практикувањето на емоционална саморегулација природно води до балансирана и асертивна комуникација, бидејќи го исклучува влијанието на импулсивните и интензивните емоции врз односот кон другите.
- Посветеност и фокус кон цели, намери, задачи, верувања и други личности
Кога не им даваме предност на импулсите и не дозволуваме тешките емоционални моменти да ни го пребојат или дестабилизираат целиот светоглед, можеме да одржиме вистинска посветеност и јасен фокус кон своите животни цели, лични верувања, или други личности.
- Прилагодливост кон менливи околности
Емоционалната стабилност овозможува високо ниво на прилагодливост кон променливи услови. Тоа значи дека наместо да ги перципираме промените како катастрофи или влијанија кои не’ загрозуваат, можеме разумно да размислуваме околу тоа како најдобро да се прилагодиме со најмалку витални загуби.
- Превземање контрола кога е потребно
Понекогаш се наоѓаме во ситуации кои ескалираат. Доколку немаме контрола врз своите емоции, можеме лесно да долееме масло на оганот. Кога можеме да управуваме со емоционалните реакции, нашата стабилност може да ни дозволи да ја одведеме ситуацијата кон најдобриот можен исход.
- Исцртување и одржување на јасни граници меѓу себе и светот; своите потреби, можности и емоционален и физички интегритет
Емоционалната саморегулација подразбира јасно познавање на своите потреби и граници – и способност за почитување на истите. Без оглед на тоа дали се работи за непосакуван допир или непосакувана преплавеност со туѓи проблеми, светот често ги провоцира или руши нашите граници. Наша должност е да ги спознаеме, а потоа цврсто да ги одредиме и континуирано да ги штитиме.
Ако сметате дека ви недостасуваат некои од овие вештини, знајте дека препознавањето и свесноста за тоа се првиот чекор во правилната насока. Со комбинација од самосвесност, конзистентност и трпение, можете да постигнете огромни придобивки за вашето емоционално здравје.
Примете совет од најдобрата верзија од себе
Како што можете да забележите, емоционалната саморегулација однесува на дејствување во согласност со вашите најдлабоки вредности и лична етика, и изразување на себеси на ефикасен и одговорен начин – наместо препуштање на контролата затоа што “не можев да додржам” и дејствување врз основа на минливи и потенцијално штетни импулси. Всушност, преименување на тоа “не можев да додржам“ во “не сакав да додржам“ е важен чекор кон прифаќање на личната одговорност и личниот избор во нашите реакции кон светот. Зашто вистинската причина е можеби најдобро опишана со “се откажав од додржување“.
Емоциите не се факти. Ако си дадете доволно време да се смирите и да ги промислите вашите опции во дадена ситуација, гарантирано ќе направите подобар избор. Стремете се кон поглед подалеку од моменталната непријатност и фокусирајте се на вашите вредности и како најдобро можете да ги примените.
На крај, секогаш прашувајте се: Како најдобрата верзија од мене би изреагирала на ова?